12/13/2024 | Press release | Distributed by Public on 12/13/2024 13:08
На покана на министерот за надворешни работи на Република Албанија, Игли Хасани, на 13.12.2024 година, во Тирана, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски учествуваше на состанокот на Партнерската Комисија на САД - Јадранската Повелба.
На состанокот кој се одржа во рамките на претседавањето на Република Албанија со Партнерската комисија, како последен за оваа година во рамките на албанското претседавање со Комисијата, покрај нашата земја, учество земаа и претставници на другите земји членки, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и претставници од САД, како и земјите набљудувачи од регионот во комисијата, Србија, Косово и Словенија.
Средбата беше искористена за размена на мислења и ставови во однос на актуелните безбедносни прашања со кои се соочува регионот, како и за начините за зајакнување на меѓусебната комуникација и координација во справувањето со заедничките предизвици. Министрите разговараа и за досегашните постигнувањата, како и за перспективите на САД - Јадранската Повелба која веќе три декади од нејзиното основање работи на унапредувањето на соработката и взаемната координација во справувањето со заедничките безбедносни предизвици во регионот.
На дискусиите, беше оценето дека, А5, како посебна регионална платформа за соработка има постигнато значајни резултати во изминатите две декади и беше искажана спремност за натамошно зајакнување на заедничките активности. Учесниците исто така оценија дека, во услови кога регионот се соочува со современи безбедносни предизвици, неопходен е зајакнат пристап и тесна соработка во справување со заедничките безбедносни закани со кои се соочуваме индивидуално како земји, но и заеднички како регион.
Во оваа насока, заменик министерот Димитровски ја акцентираше посветеноста на Република Северна Македонија за натамошно одржување на релевантноста и улогата на САД - Јадранската Повелба, како уникатна регионална платформа за заедничка координација и соработка во справувањето со заедничките предизвици и закани, потребни за обезбедување на одржливата стабилност и просперитет на регионот. Во оваа прилика, Димитровски нагласи дека фокусот на соработката во претстојниот период треба да се стави на редовна координација и тесна соработка во справување со нај горливите безбедносни предизвици со кои се соочуваат земјите од Повелбата, особено хибридните закани, сајбер напади, ширењето на дезинформациите, како и справувањето со природни непогоди, со цел зајакнување на индивидуалната и заедничката отпорност.
Во тој контекст, ја подвлече важноста од брзата реализација на интегративните Европски и Евроатлантски процеси за земјите од Западен Балкан, со што ќе се превенира натамошното злонамерно делување чии цели се нарушување на стабилноста на регионот.
Земјите членки на САД - Јадранската Пoвелба, усвоија Заедничко коминике од овогодишното албанско претседавање со Повелбата. Заменик министерот Димитровски им посака на претставниците на Босна и Херцеговина успешно претседавање за следната година.