Ministry of Foreign Affairs of the Republic of Macedonia

09/17/2024 | Press release | Distributed by Public on 09/17/2024 06:51

Потпишан меморандум за реализација на втората фаза на проектот за координација на активностите кои произлегуваат од членството во НАТО

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, денеска потпишаа Меморандум за соработка за реализација на втората фаза на проектот за ефикасна меѓуресорска координација на активностите кои произлегуваат од членството во НАТО.

"Со денешното потпишување на меморандумот ја продолжуваме значајната соработка со Обединетото Кралство, со цел дополнително зајакнување на нашето сојузништво. Исто така, имплементацијата на втората фаза од проектот ќе овозможи дополнително зајакнување на нашите капацитети и ќе придонесе за натамошното утврдување на земјава како кредибилна НАТО членка" истакна министерот Муцунски.

Воедно, министерот нагласи дека ваквиот чекор претставува уште една потврда на заложбите на двете земји за зајакнување на колективната одбрана и гарантирање на целокупната безбедност на НАТО Алијансата.

Амбасадорот Лосон посочи дека двете земји се силни НАТО сојузници и партнери, а притоа изрази задоволство од реализација на проектот кој ги зајакнува меѓусебните односи.

"Ми претставува задоволство што овој проект дополнително ги зајакнува овие односи. Нашиот претходен ангажман се фокусираше на изградбата на Директорат за НАТО во рамките на Министерството за надворешни работи како и на формирањето на Национален координативен совет за НАТО. Сега ќе работиме заедно на развивањето на силни меѓувладини НАТО структури кои ќе подготвуваат и споделуваат анализи и ќе обезбедуваат поддршка на носителите на одлуки на највисоките позиции за прашања кои се од исклучителна важност за безбедноста на нашите две земји. Со нетрпение очекувам да ја продолжиме работата која што придонесува за пошироката безбедност и стабилност на Северна Македонија и Обединетото Кралство како и на нашите НАТО сојузници.", потенцираше тој по потпишувањето на меморандумот.

Инаку, проектот е предвидено да трае до март 2025 година и преку упатување на резидентен експерт се очекува да придонесе за вешто и високо компетентно учество на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и цивилните експерти во работата на структурите на НАТО. Дополнително, тој треба да ја унапреди целокупната подготвеност на нашите институции за обезбедување ефективен и ефикасен менаџмент на политичките улоги во областа на безбедносната политика и безбедносни прашања.