Ministry of Foreign Affairs of the Republic of Macedonia

06/30/2024 | Press release | Distributed by Public on 06/30/2024 03:31

Муцунски од Дубровник: Владата е цврсто фокусирана на европските реформи, преку владеење на правото, борба против корупцијата и економски развој

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на покана од министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, учествуваше на Дубровник форум, што се одржа на 28-ми и 29-ти јуни, во Дубровник.

Тој се обрати на посебната сесија "Отворање на реформскиот потенцијал на Западен Балкан", каде се осврна на перспективите за членство на земјава во Европската унија. Притоа, истакна дека иако земјава е сведок на "билатерализација" на евроинтегративниот процес, а претходно и на членството во НАТО, како и повеќекратна апликацијата на двојни стандарди од страна на институциите на ЕУ, сепак нашата нација е про-европска нација, а мнозинството од нашиот народ ја поддржува европската агенда, бидејќи нема подобар пат од полноправното членство на земјава во ЕУ.

Во делот на реформите и интеграцијата на земјата во Европската Унија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија нагласи дека новата влада е цврсто фокусирана на процесот на европска интеграција, преку обезбедување на европските стандарди дома, односно борба со криминалот и корупцијата, владеење на правото и економски развој.

Запрашан за концептот за членство во Единствениот пазар пред целосна интеграција во ЕУ, Муцунски истакна дека независно како ЕУ го предвидува овој процес, вклучително и концептот за постепена интеграција, нема да има двоумење од наша страна доколку крајниот резултат е полноправно членство во ЕУ.