11/26/2024 | Press release | Distributed by Public on 11/26/2024 03:19
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денес, на покана на својот италијански колега Антонио Тајани, е во работна посета на Рим, Италија, каде учествуваше на десеттата годишна конференција "Медитерански дијалог" и се обрати на панелот насловен "Нова Европска комисија, стари европски приоритети".
"Медитерански дијалог" е годишна конференција на високо ниво за медитеранска геополитика, организирана од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка и ISPI (Италијански институт за меѓународни политички студии). Нејзината цел е да се преиспитаат традиционалните пристапи кон медитеранската област и да се адресираат заедничките предизвици на регионално и меѓународно ниво.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја потенцираше посветеноста на Владата за исполнување на реформската агенда и финализирање на европското досие. Тој нагласи дека е потребно поблиско вмрежување и интеграција на нашата држава во европските структури што го покриваат медитеранскиот басен, како и зголемена интеракција со земјите од Европската Унија. Муцунски, меѓу другото, истакна дека Република Северна Македонија, преку својата традиција на меѓуетнички дијалог, кохезија и мирно решавање на билатерални спорови, придонесува за стабилноста на Југоисточна Европа, промовирајќи европски вредности, добрососедски односи и регионална соработка.
Тој исто така нагласи дека геополитичките реалности, како војната во Украина и ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, ја нагласуваат потребата од колективни решенија кои ги надминуваат индивидуални напори на поединечни држави. Муцунски ја истакна важноста на поврзаноста на Северна Македонија со Европа и поширокиот Медитеран, особено преку Коридорите VIII и X, дел од новиот Европски транспортен коридор за поврзување на Југоисточна и Централна Европа. Дополнително, тој го посочи потенцијалот за обновливи извори на енергија, кој ја позиционира нашата држава како лидер во зелена транзиција во регионот.