Ministry of Foreign Affairs of the Republic of Macedonia

07/15/2024 | Press release | Distributed by Public on 07/15/2024 11:31

Комеморација по повод смртта на амбасадорот Александар Василевски

Денеска во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се одржа комеморација по повод смртта на амбасадорот Александар Василевски.

Во присуство на членови на неговото високо ценето семејство, соработници од Министерството за надворешни работи, колеги и пријатели се обратија министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и поранешниот генерален конзул во Њу Џерси, Јордан Панев, кои се осврнаа на успешната кариера и постигнувањата на амбасадорот Василевски.

Настанот почна со минута молчење, во знак на последна почит на животот и делото на амбасадорот Василевски.

"Имав посебно задоволство, привилегија и чест и лично познанство со покојниот амбасадор Александар Василевски. Неговото долгогодишно дејствување во дипломатската служба на поранешна СФРЈ и од самиот почеток на независноста на нашата држава остави траен белег во дипломатските архиви и сеќавања на колегите од оваа институција. Тој успешно ги заврши дипломатските мандати во Виетнам, Мали, Франција и Руската Федерација. Александар Василевски исто така ја извршуваше и функцијата амбасадор на Република Македонија во Србија, Бугарија и Црна Гора, а неколку години беше и Специјален претставник на Претседателот во Меѓународната организација на Франкофонија, Професионалните дипломатски достигнувања и успешно завршените дипломатски ангажмани надвор од татковината дополнително говорат за високиот степен на сериозност, одговорност, посветеност и пожртвуваност на ликот и делото на Александар Василевски", истакна Муцунски.

Амбасадорот Александар Василевски беше вреден, одговорен и истакнат дипломатски работник и вистински професионалец. Неговиот над 40 годишен работен стаж беше исполнет со голем број реализирани работни активности, задачи и проекти, кои беа мошне значајни за институцијата во која континуирано со своите колеги го споделуваше своето искуство и знаење.