11/21/2024 | Press release | Distributed by Public on 11/21/2024 09:14
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше и се обрати на владината донаторска конференција "Ромите и пријателите", посветена на проекти за подобрување на интеграцијата на Ромите во општеството, со акцент на домувањето, културата и образованието.
"Ми претставува особена чест што денес учествувам на овој значаен настан, чија цел е поддршка на поголема инклузија на Ромите во нашето општество. Како мултиетничко демократско општество, Северна Македонија е целосно посветена на промоција на инклузијата и еднаквоста, со акцент на заштитата на човековите права за сите наши граѓани," истакна министерот Муцунски во своето обраќање.
Министерот го потенцираше значењето на Националната стратегија за инклузија на Ромите 2022-2030, која адресира клучни области како образование, вработување, домување, социјална и здравствена заштита. Тој нагласи дека Владата ќе продолжи со напорите за постигнување социјална кохезија и еднаков развој и цврсто ќе стои на ветувањето ,,никој да не биде изоставен", во согласност со Агендата 2030 на Обединетите нации.
Во своето обраќање, министерот потсети дека нашата држава е лидер во регионот во унапредувањето на правата на Ромите, со долгогодишен придонес во спроведувањето на Декадата на Ромите. "Затоа, апелирам да продолжиме да го градиме нашето општество на принципите на инклузија и еднаквост, создавајќи услови за целосна социјална интеграција и економско зајакнување на ромската заедница," заклучи министерот Муцунски.