Ministry of Foreign Affairs of the Republic of Macedonia

07/26/2024 | Press release | Distributed by Public on 07/26/2024 09:38

Државниот секретар Кузмановска во работна посета на Унгарија

Државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Елена Кузмановска, придружувана од Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски и Директорот за организациони работи во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Веле Трпевски денес остварија одвоени работни средби со државниот секретар за јавна администрација во Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија, Естер Ѓармати, директорот на Агенцијата за промоција на инвестициите на Унгарија (HIPA), Иштван Јо и со директорот на Агенцијата за промоција на надворешната трговија на Унгарија (HEPA), Габор Јенеи.

Главен фокус на средбите беше претстојната реорганизација на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, односно промена на легислативата, во насока на зголемување и унапредување на економската промоција на нашата земја, преку размена и споделување на унгарските искуства во однос на најавените реформи.

Од нивна страна беа споделени позитивните искуства кои реформскиот процес во Унгарија ги имал во насока на зголемување и привлекување странски инвестиции во земјата, притоа беше нагласена успешната приказна на Унгарија, како водечка земја од В4 во однос на споменатиот процес. Во рамки на состаноците беше нагласен придонесот што економската дипломатија, претставена преку мрежата на економски промотори го има во однос севкупниот економски развој. Воедно, детално беше презентирана работата и надлежностите на Агенциите за промоција на инвестициите (HIPA) и за промоција на надворешната трговија на Унгарија (HEPA), кои заедно со економските промотори се раководени од унгарскиот министер за надворешни работи, решение што посебно позитивно се има одразено на функционалноста на системот во целина.

Соговорниците од Унгарија, искажаа подготвеност за натамошно споделување на искуствата во процесот на реорганизација кој е започнат во нашата земја, при што беше назначено и лице за контакт за поефикасна и директна комуникација во овие најавени процеси.