Ministry of Foreign Affairs of the Republic of Macedonia

07/17/2024 | Press release | Distributed by Public on 07/17/2024 09:19

Муцунски се сретна со Амбасадорот на Турција и Претставникот на УНХЦР во земјава

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес се сретна со амбасадорот на Турција, Фатих Улусој и претставникот на УНХЦР во земјава, амбасадорот Габриел Гуалано де Годој.

На средбата со Амбасадорот на Турција, беше изразено задоволство од одличните билатерални односи кои се во духот на традиционалното пријателство меѓу двете земји. Воедно, беа изразени заемни заложби за зајакнување на економските и бизнис релации, како и целосно користење на потенцијалите за туристичка соработка. Во оваа прилика, Муцунски изрази искрена благодарност за помошта што Турција ѝ ја испрати на земјава во справувањето со огнените стихии, а која се состои од еден хеликоптер и два "ертрактори". Дополнително, беше реафирмирано нашето цврсто сојузништво во рамки на НАТО и напорите за зачувување на регионалната стабилност во услови на променет геополитички контекст.

Во разговорот со Претставникот на УНХЦР во земјава, Муцунски нагласи дека согласно приоритетите на Владата за заштита, промоција и унапредување на човековите права и слободи, со фокус на лицата кои уживаат меѓународна заштита, земјава ќе остане посветена на исполнувањето на обврските од меѓународните и легалните инструменти на УНХЦР, за развивање иновативни решенија во насока на менаџирање на глобалната миграција. Исто така, информирајќи за степенот на имплементација на заложбите на земјата дадени за време на Првиот глобален форум за бегалци, Муцунски потенцираше дека земјата преку развиена рамка за системско решение и спречување на случаи на нерегистрирани лица, односно лица без документи, очекува во скоро време да стане првата земја во Европа која ќе го искорени бездржавјанството.

Соговорниците разменија ставови околу досегашната взаемна соработка на Канцеларијата на УНХЦР со надлежните институции, изразувајќи надеж дека истата ќе продолжи успешно и во иднина.