Ministry of Foreign Affairs of the Republic of Macedonia

06/29/2024 | Press release | Distributed by Public on 06/29/2024 05:43

Соопштение

Министерството за Надворешни Работи на Република Северна Македонија со сериозна загриженост ги нотира објавените прелиминарни резултати од Пописот одржан во Република Албанија во 2023 година.

Техничките нерегуларности во начинот на реализација на истиот, на кои континуирано укажуваа македонските здруженија во Република Албанија во пресрет на Пописот, но и во текот на неговата реализација резултираа со објава на прелиминарни податоци кои што за жал не ја отсликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата.

Дополнително, Министерството изразува незадоволство и остро реагира на употребата на термин "северномакедонци" и употреба на име на земја како супститут за етничка заедница.

Министерството ќе го повика амбасадорот Данчо Марковски на итни консултации во насока на прецизирање на недостатоците и недоследностите во овој процес, разгледување на можностите за соодветна корекција на направените пропусти и изнаоѓање на најадекватни начини за понатамошно заедничко дејствување и унапредување на билатералните односи со Република Албанија.

Министерството во претстојниот период интензивно ќе соработува со надлежните претставници на властите во Република Албанија и со претставниците на Македонската заедница во Република Албанија во насока на нивна културна и социјална промоција во рамките на албанското општество, што за жал и повеќе од очигледно било целосно запоставено од страна на претходната политичка гарнитура во нашата држава.

Сите отворени прашања меѓу две соседни држави треба да се решаваат преку дијалог и меѓусебно разбирање и почитување на правилата, принципите и вредностите на меѓународниот правен поредок.